Активности|

Денеска, 09.10.2019 г. (среда), во Општина Бутел се одржа детската меѓуопштинска олимпијада за дечињата од предучилишните установи во скопските општини.

Со оваа манифестација домаќинот, детската градика ,,11 Октомври,, од Општина Бутел, ја одбележа детската недела и својот патронен празник.  

Годинешнава олимпијада се одржа под мотото ,,НЕКА ПОБЕДИ НАЈВЕСЕЛИОТ,, а се натпреваруваа 300 дечиња од скопските општини: Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Чаир, Аеродром, Центар, Кисела Вода и Ѓорче Петров.

Детската олимпијада ја отвори градоначалникот Велимир Смелевски, кој истакна дека денеска е горд градоначалник зашто обидот  да се спојат дечињата од сите скопски општини е мошне успешен. Дружбата, среќата и радоста на дечињата немаат цена, додаде Смилевски.

Минатата година спортските вештини ги демонстрираа само дечињата од нашите градинки. Значи, манифестацијата беше општинска. Но, си рековме зошто да не го подигнеме организациското нивото и еве успеавме во првиот обид зашто имаме учесници од сите градинки во скопските општини. Дали оваа идеја, односно концепт, ќе го развиваме и натаму, во смисла да стане републичка манифестација, дополнително ќе видиме дали е тоа изводливо, но сигурно е едно, дека секогаш домаќин и покровител на детската олимпијада ќе биде Општина Бутел, додаде градоначалникот Смилевски.

На присутните им се обрати и Заменик министерот за труд и социјала, Ѓонул Бајрактар кој и посака долговечност на оваа манифестација која се одржува во рамките на Детската недела, која пак е многу важна за министерството бидејќи е исполнета и со други манифестации кои ја слават среќата и радоста на нашите најмлади, нашата иднина.

Инаку, дечињата се натпреваруваа во пет дисциплини на пет различни полигони кои се во функција на подобрување на општата моторичка способност, на прецизноста и компетитивноста. Целта на детската олимпијада е дружењето, кохезијата и создавањето на нови пријателства. Затоа оваа олимпијада немаше натпреварувачки карактер. Сите 300 учесници СЕ ПОБЕДНИЦИ и беа наградени со златни медали.

Comments are closed.

Close Search Window