МЛАДИТЕ ОД ОПШТИНА БУТЕЛ НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ГРАД СКОПЈЕ

Како резултат на долгорочените активности во којшто беа вклучени учениците од основните училишта во општина Бутел во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а организирани во соработка со Младински образовен форум, младите од Бутел остварија организирана средба со Градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски и Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Поправање на клупите и поставување на корпи за отпадоци, збогатување на реквизитите и поставување на информативни табли се само дел од предлозите на младите од основните училишта од Општина Бутел за разубавување на Градскиот Парк во Скопје. Еден од недостатоците што го воочуваат младите е и недоволната грижа за хигиената на паркот. Токму затоа, предложија да се организира акција за чистење на каналите и езерата во паркот и потенцираа дека со голем ентузијазам би се вклучиле во волонтерски акции за разубавување на паркот
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов ја потенцираше заложбата на општината за подобрување на условите во Градскиот Парк и истакна дека Градот ќе ја поддржи иницијативата на младите за разубавување на паркот во претстојниот период. Исто така, тој ја потенцираше и посветеноста на општината да обезбеди поддршка за подобрување на меѓуетничката кохезија и за промовирање на граѓанската култура и демократско однесување на младите, во партнерство со Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Минатата година, младите од Бутел организираа слична иницијатива и во својата општина, кога ги споделија своите предлози за подобрување на заедницата со градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски. Како резултат на таа иницијатива, учениците од ОУ „Живко Брајковски“ добија нов пешачки премин пред своето училиште.